Повеќе од четири месеци по неговото убиство, поранешниот врховен лидер на Иран, Али Хамнеи, беше погребан во неговиот роден град Машхад, јавија иранските медиуми. Погребната церемонија се одржа зад затворени врати во светилиштето на Имам Реза, најсветото шиитско светилиште во Иран.
На церемонијата ѝ претходеше еднонеделна државна жалост и повеќедневни собири низ земјата. Хамнеи беше убиен на 28-ми февруари во израелски воздушен напад врз неговата резиденција во Техеран, со што започна војната меѓу Иран од една и Израел и Соединетите Американски Држави од друга страна.
По неговата смрт, за нов врховен лидер беше назначен неговиот син Моџтаба Хамнеи кој не се појавил во јавноста од неговото именување што предизвикува бројни шпекулации за неговата здравствена состојба.
За време на владеењето на Али Хамнеи, Револуционерната гарда стана најмоќната воена сила во Иран и имаше големо политичко влијание. По неговата смрт, дел од нејзините претставници презедоа уште поважни позиции во државниот врв. Иранските власти тврдат дека милиони луѓе учествувале во церемониите за оддавање последна почит.
Додека неговите поддржувачи го сметаат за маченик, дел од иранската јавност останува критична кон неговото долгогодишно владеење.




