Кривичниот суд му го укинал притворот на Едмонд Темелко и му определил мерка куќен притвор, потврдиле од Кривичниот суд за 24 Вести.
Градоначалникот на Пустец Темелко утре излегува од истражниот затвор во Шуто Оризари откако во петокот му го продолжи притворот за нови 30 дена. Кривичниот совет ја преиначил одлуката и донел поблага мерка – куќен притвор. Темелко пред еден месец беше однесен во затворот во Шутка, откако се утврди дека патувал во Албанија со албанска лична карта иако Судот му нареди да не ја напушта Македонија.
ВМРО-ДПМНЕ и неколку здруженија бараа Темелко да биде пуштен од притвор поради неговата нарушена здравствена состојба. Откако му беше продолжен притворот на Темелко, ВМРО-ДПМНЕ повикува на протестен собир вечерва во 19 часот пред Владата на Република Македонија.
Темелко беше притворен пред два месеци на барање на Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Тој е обвинет во предметот за изборни нерегуларности „Титаник“.
Во случајот „Титаник“ на СЈО се гонат и ексминистри и политичари, меѓу кои и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, Гордана Јанкуловска, Миле Јанакиески, Мартин Протуѓер и Кирил Божиновски.