Британската влада го повика на консултации рускиот амбасадор во Лондон по објавувањето на извештајот за убиството на бившиот руски агент Александар Литвиненко.
Министерката за внатрешни работи Тереза Меј во обраќање во Парламентот изјави дека Владата го повикала амбасадорот за да му изрази „големо незадоволство“ поради недоволната соработка од Москва во истрагата на убиството.
Меј соопшти дека британските власти ќе го замрзнат имотот на Андреј Луговој и Дмитриј Ковтон, осомничени за убиството на Литвиненко.
Британскиот судија Роберт Овен денеска објави извештај во кој се сумирани резултатите од повеќегодишната истрага, а во кој наведе дека постои „голема веројатност“ дека Федералната служба за безбедност го наредила убиството и дека операцијата „веројатно ја одобрил“ рускиот претседател Владимир Путин.




