Франција го отповика својот амбасадор во Италија по серија «навредливи изјави» и «напади без преседан» на италијанските политичари против Франција, соопшти француското министерство за надворешни работи.
«Веќе со месеци Франција е предмет на постојани обвинувања, неосновани напади, навредливи изјави», изјави портпаролка на министерството. Ањес вон дер Мул вели дека «ова е без преседан од крајот на војната» и «последните изјави се дополнителна неприфатлива провокација».
Вице премиерот на Италија Луиѓи Ди Маио (прв човек на анти-систем партијата 5 Sвезди) во вторникот се сретна со делегација на «жолтите елеци», француското движење што во Франција протестира веќе со недели против претседателот Емануел Макрон. На социјалните мрежи Ди Маио напиша, по средбата, дека «Ветерот на промени се искачи преку Алпите. Повторувам: Ветерот на промени се искачи преку Алпите».
Пред оваа средба, Ди Маио и министерот за внатрешни на Италија Матео Салвини, шеф на екстремната десница, имаа повеќе изјави против француската влада и Макрон. Така на пример, Салвини изрази надеж дека францускиот народ наскоро ќе се ослободи од «многу лошиот претседател». Италијанскиот речник и нападите кон соседна земја ја шокираа и француската влада но и многу земји во ЕУ.
Според портпаролката на Франција, «едно е да имаш несогласувања, а сосема друго инструментализирање на односите поради изборни мотиви».
Салвини се обидува да организира европски фронт на екстремната десница и со тоа да ги победи, на мајските европски избори, про-европските партии коишто симболично ги претставува токму францускиот претседател. Макрон дојде на власт со силна про-европска агенда и е единствениот француски претседател кој на власт стапи чекорејќи со европската химна.
Според вон ден Мул, «кампањата за европските избори не може да биде оправдување за недостигот на почит кон еден народ или кон неговата демократија».
«Сето тоа создава тешка ситуација и се поставува прашањето за намерите на италијанската влада за нејзините односи со Франција», додаде таа.




