Полицаец и неговата сопруга синожа се убиени во предградието на Париз, Мањанвил, пред специјалците да го ликвидираат напаѓачот и да ја окончаат заложничката драма на тригодишното дете на убиената двојка.
Француските власти, нападот го оквалификуваа како терористички акт. Во меѓувреме Новинската агенција на Исламската држава Амак соопшти дека напаѓачот е од нивните редови идентификувајќи го како Лароси Абала, кој и претходно бил осудуван за поврзаност со џихадистички организации.
Напаѓачот прво на влезната врата со нож го убил полицаецот, а потоа ја убил и неговата жена, но не се познати детали.
Потоа во заложништво го држел нивното тригодипно дете кое е ослободено во акција на специјалните сили при што напаѓачот е убиен.
Британскиот Индепендент објави дека напаѓачот имал околу 20 години и при влегувањето во куќата извикувал „Алаху акбар“.
Извори на истрагата пак го идентификуваа како 25 годишен.
Абала во 2013 година бил осуден за поврзаност со џихадистичка организација која оперирала во Франција и Пакистан. Бил осуден на три години казна затвор, од кои шест месеци условно, за заговор и здружување за извршување терористички напади. Роден е во Мант ла Жоли, во близина на Париз.
Францускиот претседател Франсоа Оланд оцени дека без сомнение се работи за терористички чин, додавајќи дека Франција сепак не е единствената земја на којашто и се заканува тероризмот, посочувајќи го масакрот во Ораландо.
И францускиот министер за внатрешни работи Бернар Казнев изјави дека убиството на полицаецот претставува кукавички терористички чин.
Оланд денеска одржа итен состанок во Елисејската палата по повод нападот.
Доколку се потврди дека зад убиството на полицаецот и неговата жена стои Исламската држава, ова ќе биде прв напад на оваа организација на француско тло откако Владата воведе вонредна состојба по терористичките напади во ноември лани, кога беа убиени 130 луѓе.





