Полицијата во Манчестер потврди дека е уапсено 23 годишно момче во врска со вчерашниот самоубиствен терористички напад во Манчестер Арената, за време на концертот на музичката ѕвезда Ариана Гранде, во кој загинаа 22, а 59 лица се повредени.
Полицијата исто така потврди дека момчето е уапсено во шопинг центарот Арндејл, за кого се верува дека има врска со нападот.
Претходно Ројтерс објави дека луѓе бегаат од Трговски центар во Манчестер, откако сведоци изјавиле дека слушнале силен тресок.
Исламската држава утрово ја презеде одговорност за нападот во Манчестер арена, објави агенцијата ТАСС, повикувајќи се на порталот Акбар Ирак.
Порталот објави дека припадниците на терористичката организација на социјалните мрежи објавиле видеоснимка во која ја презеле одговорноста за нападот.
Четири часа пред нападот во Манчестер, пак, на еден профил на социјалната мрежа Твитер биле објавени два твита со кои се упатува закана кон Арената во Манчестер, а покрај заканите, во твитовите била објавена и слика со знамето на ИС.
Нападот се случи на крајот на концертот на американската ѕвезда Ариана Гранде во големата концертна сала во која собира 20.000 луѓе.
Автор на нападот е еден човек. Тој активирал бомба што ја носел на себе. Самиот загинал во нападот.
Според полицијата се работи за терористички напад но идентитетот на напаѓачот не е се уште соопштено.
Британската конзервативна премиерка Тереза Меј и лидерот на Лабуристичката партија Џереми Корбејн се договорија да ја суспендираат изборната кампања. Во Велика Британија се одржуваат предвремени парламентарни избори на 8 јуни.





