На помалку од еден месец пред предвремените избори во Грција закажани за 20 септември, Сириза води во последната денешна анкета но со само три поени пред Нова Демократија. Според анкетата на Универзитетот Македонија што ја објави Катимерини, Сириза има 25 отсто намери за гласови додека за Нова демократија велат дека би гласале 22 отсто.
Според истата анкета Алексис Ципрас и понатаму е најпопуларниот политичар во Грција со 29,5 отсто поддршка а зад него е Вангелис Меимаракис со 26 отсто поддршка.
Според една друга анкета разликата меѓу двете партии е само еден поен, тврди весникот Параполитика цитирајќи анкета на Институтот Метрон Аналајзис: за Сириза би гласале 22,2 отсто а за Нова демократија 21,2 отсто.
Институтот ПроРата, близок до левицата, од своја страна тврди дека Сириза со 23 отсто поддршка има 3,5 отсто предност пред Нова демократија.
Две од трите анкети исто така тврдат дека Златна зора, и покрај тоа што нејзините лидери се судски прогонувани, се наоѓа на трето место според популарност со 6,5 отсто поддршка. Сепак, според анкетата што ја објави Катимерини, на трето место доаѓа Комунистичката партија со 6 отсто или То Потами со исто така 6 отсто.
Партијата на Независните Грци со која Сириза направи коалиција во јануари овој пат не стасува до поддршката од 3 отсто која е неопходна за да може да се влезе во Парламентот.
Социјалистите од Пасок добиваат само 4,1 до 4,5 отсто поддршка.
Од друга страна дисидентите на Сириза кои ја формираа евроскептичната партија Народна унија добиваат 5 отсто поддршка во анкетите.
Сепак процентот на неопределените е висок и изнесува 22 отсто за Метрон Аналајзис и 15,5 отсто за анкетата на Универзитетот Македонија.
Ципрас поднесе оставка пред неколку дена и отвори пат за предвремени избори кои ќе се одржат на 20 септември.
На минатите избори ви јануари Сириза освои 36,3 отсто гласови а десницата 27,8 отсто.




