Комитетот за надворешни односи на Сенатот на САД, со само еден глас мнозинство го подржа изборот на Рекс Тилерсон за секретар на американскиот Стејт департмент.
При гласањето во Комитетот за надворешни односи, сите 11 сенатори- републиканци , гласаа за Тилерсон како државен секретар, додека сите 10 демократски сенатори беа против неговото именување на таа функција.
Клучен беше гласот на републиканскиот сенатор Марко Рубио, кој иако претходно најавуваше дека ќе гласа против Тилерсон, на крајот го поддржа неговиот избор.
Претходно, не само демократите, туку и повеќемина републикански сенатори се спротивставуваа на предлогот на претседателот Доналд Трамп, 64 годишниот Тилерсон, едно од клучните имиња во нафтениот бизнис, да раководи со Стејт департментот.
Како главна причина за тоа сенаторите го посочуваа неговото неискуство во дипломатијата, но и блискоста на Тилерсон со Русија и со рускиот претседател Владимир Путин, од кого е и одликуван.
Рекс Тилерсон беше претседател на најголемата нафтена компанија во светот „Ексон-Мобил„ .
Според Си-Ен-Ен, сенаторите, посебно демократите, му забележувале на Тилерсон дека поради бизнис интересите, што „Ексон – Мобил„ ги има во Русија, американската надворешна политика кон Москва, би можела да биде „премногу нежна и несоодветна“ .
Во текот на испрашувањето, тој одбил да го оквалификува Путин како „воен злосторник„ и остро да ја осуди политиката за непочитување на човековите права во Саудиска Арабија и Филипните, на што посебно инсистирал токму сенаторот Рубио.
Претходно Комитетот го назначи поранешниот конгресмен Мајк Помпео за директор на ЦИА.




