Среде јавна дебата за преговарачката рамка што ја усвои ЕУ за нас, која поради билатералните теми со Бугарија предизвика остри реакции од одредени политички и граѓански кругови во општеството, одлучивме да дадеме друга димензија на процесот, низ разговор со долгогодишниот експерт од областа на ЕУ-интеграциите, државниот советник Драган Тилев. Според него, Преговарачката рамка е унилатерален документ на ЕУ, кој за да претрпи измени треба согласност од сите земји членки но и како пракса не е видена во ЕУ, изјави Тилев. Сите рамки имаат свои специфики, така е и со нашата, бидејќи вклучува елементи од билатерален карактер, кои се однесуваат само за нас, односно се поврзани со имплементацијата на двата билатерални договори, со Грција и со Бугарија.

Преговарачката рамка на Албанија ја следи логиката и структурата на новата методологија, но нема такви товари од билатерален карактер, освен упатување на територијалниот спор со Грција, за кој тие имаат постигнато посебна согласност со Атина, вели Тилев, додавајќи дека одлуката на крајот секогаш е политичка, но истата мора да биде донесена со целосна свесност за тоа што прифаќаме, со разбирање и на тоа како ќе се однесуваме кон преземените обврски, и на билатерално ниво и на ниво на ЕУ, вели Тилев во интервјуто за НоваТВ.

НоваТВ: Во ек сме на прилично гласна односно нервозна јавна дебата за т.н. француски предлог т.е. преговарачката рамка. Како вие лично како експерт за ЕУ- интеграциите гледате на рамката, како, колку и дали е возможно по толку остри реакции, таа рамка да претрпи одредени измени. Што вели европската пракса?

Во повеќе наврати беше и појаснето и најавено дека Преговарачката рамка е клучниот документ во кој земјите членки, едногласно, ги утврдуваат условите под кои земјата кандидат или аспирант за полноправно членство, ќе биде или попрецизно, може да биде примена во Европската Унија. Токму таа едногласност беше пречката што, поради блокадата од Бугарија на текстот на Рамката, истата не беше усвоена во 2020 година кога беше предложена од Европската комисија, односно оформена во текот на германското претседавање. Нагласувам дека Преговарачката рамка е унилатерален документ на ЕУ, во чие дефинирање ние не учествуваме, но природно е на крајот да бидеме консултирани како една од страните кои треба да го преговараат текстот на Пристапниот договор како епилог од пристапниот процес. Кога текстот на Преговарачката рамка ќе биде усогласен и усвоен од страна на сите 27 земји членки, според нивните внатрешни процедури на одобрување, истата е конечна и на неа не може да се вршат измени, освен доколку сите 27 земји членки со едногласност не се согласат на таква измена. До сега, според моето познавање на процесот, такво нешто не се случило, иако не велам дека и тоа не е можно. Ќе напоменам и тоа дека нашата Преговарачка рамка, како и таа за Албанија, е заснована на новата методологија која важи од март 2020 година, која патем важи де факто и за Црна Гора и Србија, но де јуре не предизвика измени на нивните Преговарачки рамки, односно тие останаа такви какви што беа иницијално усвоени во 2012, односно 2013 година.

НоваТВ: Претпоставувам дека сте виделе многу преговарачки рамки, има ли специфики во преговарачката рамка за земјава, а што ги немало за другите земји и дали навистина, како што тврдат одредени политички и граѓански кругови во општеството, таа рамка каква што е во моментов е против националните интереси на државата?

Моето долго професионално искуство налага да имам увид во сите Преговарачки рамки до сега, но посебно се фокусирав при анализите на тие за Хрватска, кога за прв пат е воведен системот на одредници за отворање и затворање на поглавјата, и кога е ставен фокусот на Поглавјата 23 и 24, односно на владеење на правото, Преговарачката рамка на Црна Гора, каде мониторинг механизмот е значително зајакнат и критериумите се изострени, и рамката за Србија која ја има спецификата за вклучување на дијалогот Србија-Косово во Поглавјето 35. Сите рамки имаат свои специфики, така е и со нашата, бидејќи вклучува елементи од билатерален карактер, кој се однесуваат само за нас, односно се поврзани со имплементацијата на двата билатерални договори, со Грција и со Бугарија. Преговарачката рамка на Албанија ја следи логиката и структурата на новата методологија, но нема такви товари од билатерален карактер, освен упатување на територијалниот спор со Грција, за кој тие имаат постигнато посебна согласност со Атина. Да кажеме дека рамката е против националните интереси е пренагласено и претешко, но дека нејзината содржина со специјалните додатоци за нас од билатерален карактер бараат посебна претпазливост и детална анализа за последиците, несомнено. Тоа го истакнав и во досегашните мои настапи, анализи и препораки. Нашата Преговарачка рамка бара детална анализа, консултација од поширока општествена форма, вклучително и со експертите кои истата ја пишувале во Брисел, и веројатно Париз во чие време текстот беше усогласен и понуден како компромисно решение. Ова е толку важен документ, и моментот овој пат е навистина историски, што бара и таков однос од сите што на еден или друг начин сме вклучени во процесот и имаме подлабоко разбирање за техничките детали. Одлуката на крајот секогаш е политичка, но истата мора да биде донесена со целосна свесност за тоа што прифаќаме, со разбирање и на тоа како ќе се однесуваме кон преземните обврски, и на билатерално ниво и на ниво на ЕУ.

НоваТВ: Што е она што ќе следува понатаму во процесот. Може ли да се претпостават фазите ?

Доколку хипотетички претпоставиме дека Владата и во нашиот случај Собранието, заради веќе усвоената Резолуција со обврзни ставови, даде зелено светло, повторувам ние не одлучуваме за Преговарачката рамка, таа се усвојува едногласно само од земјите членки, тогаш според нашата специфика, следи политичка Меѓувладина конференција, која би требало да се случи набрзо, со која се отвора процесот на скрининг или преглед на европското законодавство. Тоа е процес кој ќе трае 6-12 месеци, во кој период ќе имаме обврска да ги спроведеме уставните измени договорени со ЕУ, по што без дополнителна политичка одлука од страна на ЕУ, се заокружува процесот на отворање на Меѓувладината конференција, која останува отворена се додека траат пристапните преговори, колку тие и да траат. Врз основа на прегледот на европското законодавство според новата методологија ќе се одвива по Кластери, се подготвуваат извештаи од страна на Европската комисија за секој кластер и секоја област односно поглавје содржано во нив. Можни се секако, веќе некои и најавени, одредници за отворање на кластерот Темели, кој се отвора прв и ќе се затвори последен. Како одредници отворање на овој кластер за нас ќе бидат Патоказот за владеење на правото, вклучително и Акцискиот план поврзан со специфичните барања и Патоказ за реформа на јавната администрација. Потоа редоследно ќе следат одредници за отворање на другите кластери времени одредници за Патоказот за владеење на правото и одредници за затворање на секое поодделно поглавје, и на крајот одредници за затворање на кластерот Темели.

НоваТВ: Дали сме подготвени и колку за да го почнеме но и да го  доведеме до крај процесот на преговори со ЕУ со цел еден ден да станеме респектабилен дел од неа? 

Немам никаков сомнеж дека сме подготвени да ги започнеме преговорите, бидејќи за тоа се подготвуваме веќе деценија и повеќе, немам сомнеж и дека можеме успешно и брзо да преговараме во сите делови кои се поврзани со стандардните европски политики и европското законодавство. Другото е прашање на умешноста на политичките елити и дипломатијата. Во текот на преговорите ќе градиме капацитети и нова генерација на државни службеници кои ќе можат рамноправно да учествуваат во работата на Европските институции, но и во креирањето на европските политики, одлуки и да бидеме навистина дел од Европската Унија, како рамноправна членка, со зачувани идентитетски белези, но со европски дух. Ќе потсетам уште еднаш дека мотото на ЕУ е, Единствени во различностите, ние сме токму тоа, ЕУ во мало.

Мирјана Трпческа