Повторно пауза на рочиштето за „Титаник 2“. Кривичен остана без струја.

Речиси во исто време кога судијата Огнен Ставрев даде 15 минути пауза, во Кривичниот Суд Скопје 1 снема Струја.

Причина за втората пауза е што СЈО и одбраната не можеа да се усогласат дали сведокот Виолета Дума ќе биде испрашувана директно или вкрстено.

Претходно Дума сведочеше што се случувало на седницата на ДИК кога беше поништено избирачко место во Струмица на локалните избори во 2013 година.

Денешното рочиште доцнеше половина час поради отсуството на адвокатот на обвинетиот Сашо Срцев, Димитар Дангов. По паузата од половина час Дангов дојде во судницата со што продолжи судењето за предметот „Титаник 2“ на СЈО.

Судијата Огнен Ставрев рече дека Судот донел решение адвокатот Дангов да биде казнет според членот 361 и членот 88 од ЗКП, заради навреда на Судот. Судијата не кажа колкава е висината на казната.

Членот 88 од ЗКП предвидува казна во висина од 200 до 1.200 евра, за навреда на Судот.

Обвинетиот Срцев го повлече полномошното кое му го даде претходно на адвокатот Љупчо Шврговски да биде негов бранител, бидејќи Дангов дојде на рочиштето.

Од петте сведоци на СЈО за овој случај на денешното рочиште не е присутна Павлинка Динева.

Во предметот обвинети се лидерот на ДПА Мендух Тачи, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, како и поранешните членови на ДИК Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев за изборни нерегуларности на локалните избори во 2013 година.