Германскиот министер за внатрешни работи Томас де Мезиер побара да се направат тестови за да провери возраста на барателите на азил доколку постои сомнеж за нивните години и доколку лицето не може да приложи официјален документ во кој стои датумот на раѓање.
Малолетните лица во Германија полесно и побрзo добиваат азил од полнолетните.
Дебатата започна пред една недела по смртта на едно 15 годишно девојче, прободено со нож од еден авганистански бегалец и поранешно момче на девојката. Според таткото на девојчето, Авганистанецот пред германските власти изјавил дека е многу помлад од неговите вистински години за да може да остане во Германија.
По овој настан повеќе политички партии побараа воведување на овие тестови за определување на возраста но ова барање го отфрли Националниот совет на лекарите.
Инаку, приливот на главно млади машки мигранти доведе до пораст на насилниот криминал во Германија, покажува денеска објавената студија финансирана од германската влада.
Студијата на криминологот Кристијан Пфајфер ги користи податоците од северната германска држава Долна Саксонија за да го проучи влијанието на доаѓањето на бегалците врз криминалот во 2015 и 2016 година.
Во студијата, порастот на насилниот криминал од околу 10 отсто во тие две години им се припишува исклучиво на бегалците. Се наведува дека има поголема веројатност младите бегалци, кои се главно машки, да направат некакво злосторство ако се почувствуваат дека немаат надеж во својата иднина, а повеќето од нив доаѓаат од муслимански земји карактеристични по машката доминацијата.
Портпаролката на германското министерство за семејство Верена Херб изјави дека студијата ја потврдува потребата за поголеми напори за интеграција во Германија.




