Српскиот претседател Томислав Николиќ се откажа од претседателската трка. Тој изјавил за српските медиуми дека кандидат за претседател ќе биде актуелниот премиер Александар Вучиќ.
„Се договоривме и натаму заеднички да ја водиме државата, а за функциите ќе расправаме по победата на изборите. Ќе продолжиме заедно да ја креваме Србија од коленици. Александар ќе биде кандидат за претседател“, рече Николиќ.
Двајцата највисоки државни функционери и сопартијци во Србија влегоа во војна последните недели поради претстојните претседателски избори. Тие треба да се одржат во април но точниот датум уште не е фиксиран.
Српската напредна партија (СНС) го претпочита Александар Вучиќ за свој кандидат за сметка на актуелниот шеф на државата, кој го загуби своето влијание во партијата. Николиќ беше нејзин основач и лидер на партијата до неговиот избор за претседател пред 5 години.




