Претседателот Доналд Трамп во неговиот долгочекуван говор, денеска се очекува да соопшти дека нуклеарниот договор со Иран не ги исполнува американските безбедносни интереси, но нема да бара нови санкции врз Техеран.
Со тоа тој ќе побара од Конгресот да реши што ќе се случува понатаму.
Тоа ги поставува републиканците на Капитол Хил во невообичаена и непријатна положба да се борат во одбрана на едно од најголемите постигнувања на поранешниот претседател Барак Обама. Причината?
Многу републиканци кои претходно беа против, сега сметаат дека е подобро Договорот кој веќе е во сила и ја има поддршката од сојузниците да биде зачуван и зајакнат отколку да биде поништен.
Трамп како претседателски кандидат редовно го критикуваше договорот со Иран, но наместо да го укине, неговиот говор ќе значи покренување на 60 дневна негова ревизија, период во кој Конгресот може брзо да одобри нови санкции врз Иран.
Тоа најавува ботка меѓу републиканците кои го поддржуваат договорот и оние кои се децидно против.
Републиканските пратеници, исто така, подготвуваат и други стратегии за тоа како да го спасат договорот со Иран – предлагаат нови санкции против иранските не-нуклеарни активности за да покажат дека поддршката за нуклеарната спогодба не значи дека тие се помириле со условите на Иран.
Со нуклеарниот договор постигнат во 2015 година меѓу САД, другите светски сили и Иран е ограничена иранската нуклеарна програма во замена за олеснување на економските санкции врз Техеран.




