Доналд Трамп, во саботата изјави дека во наредните денови САД ќе утврди кој го наредил убиството на новинарот Џамал Кашоги, убиен на 2 октомври во конзулатот на Саудиска Арабија во Истамбул.
Зборувајќи пред новинарите во Малибу (Калифорнија), при посетата на областите уништени од пожари, Трамп изјави дека “сеопфатниот извештај” за прашањето кој го сторил тоа ќе биде завршен “во следните два дена”, недела или понеделник.
Неколку часа претходно, портпарол на американскиот Стејт департмент, изјави дека САД, во оваа фаза не стасале до “дефинитивни заклучоци” за одговорноста за смртта на Кашоги.
Вашингтон пост и Њујорк Тајмс, повикувајќи се на неименувани извори, вчера објавија дека според ЦИА, нарачател на убиството на Кашоги е саудискиот принц Мохамед бин Салман.
Портпаролот на американскиот Стејт департмент ја даде изјавата како реакција на пишувањето на овие два медиуми:
“Неодамнешните извештаи дека американската влада донела конечен заклучок се неточни”, рече портпаролот преку соопштение и додаде дека “се уште има неодговорени прашања”.
„Вашингтон пост“, повикувајќи се на анонимни извори, објави дека според ЦИА, наредбата за убиството на новинарот Кашоги во Истанбул ја издал саудискиот престолонаследник, принцот Мохамед бин Салман.
До ваквиот заклучок ЦИА дошла врз основа на сознанијата од повеќе извори на разузнавачките служби, вклучувајќи и од телефонските разговори на братот на престолонаследникот, принцот Халид бин Салман и на саудискиот амбасадор во САД со Кашоги, за кои сведочеле луѓе блиски до кралското семејство.
Според овие сведочења, принциот Халид му рекол на Кашоги дека треба да оди во Саудискиот генерален конзулат во Истанбул, каде што беше убиен, со цел да ги земе потребните документи за неговата венчавка, гарантирајќи му дека е безбеден.
Во реакција на ваквите тврдења, Саудиската амбасада во Вашингтон соопшти дека амбасадорот и Кашоги никогаш не разговарале за негово заминување во Турција, нагласувајќи дека сознанијата на ЦИА се лажни.
– И натаму слушаме различни теории без основа за таквите шпекулации, изјави портпаролката на Саудиската амбасада во САД.
Сепак, според „Вашингтон Пост“, ЦИА е уверена дека нејзините сознанија се точни, истакнувајќи дека станува збор за „најконкретни докази досега“, кои го поврзуваат принцот Мохамед бин Салам со убиството на Кашоги.
Кашоги беше новинар на „Вашингтон Пост“, познат по своите критички текстови кон саудсикото кралско семејство. Тој беше убиен минатиот месец кога отиде во Саудискиот конзулат во Истанбул, со цел да ги обезбеди потребните документи за неговата венчавка со турска државјанка.




