Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа пристигна во Варшава како почесен гостин на денешниот самит на иницијативата „Три мориња“, стопанско и инфраструктурно поврзување на 12 земји од средна и источна Европа.
Домаќини на собирот се хрватската претседателка Колинда Грабар Китаровиќ и полскиот претседател Анджеј Дуда. Трамп на плоштадот Крашињски ќе одржи говор.
По престојот во Варшава, Трамп заминува во Хамбург каде што утре почнува самитот на Групата 20 економски најразвиени земји во светот.
На маргините на Самитот е најавена првата средба на американскиот и на рускиот претседател Трамп и Путин којашто треба да се одржи в петок, и која предизвикува голем интерес на светската јавност во моментот кога односите и врските меѓу двете суперсили продолжуваат да бидат напнати, во прв ред поради некои тврдења во Вашингтон за наводното руско мешање во ланските претседателски избори во САД, наводните врски на сегашниот американски претседател Доналд Трамп со соработници во Москва, и ситуациите во Сирија и во Украина.
-Очекуваме воспоставување работен дијалог, кои е од витална важност за целиот свет, особено имајќи предвид дека е потребно да се зајакне ефикасноста во решавањето на големиот број судири во светот, истакна портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков.
На состанокот ќе се утврди дали има шанси и постои ли подготвеност кај двете земји со заеднички сили да почнат да се борат против тероризмот во Сирија, додаде Песков, наведувајќи дека рускиот претседател Владимир Путин ќе го изнесе ставот на Москва за судирите во двете жаришта во Сирија и во Украина.




