Претседателот на САД, Доналд Трамп, го обвини американскиот судскиот систем дека е скршен и нефункционален, откако суд во Сан Франциско повторно издаде привремена забрана за одлуката на Трамп да се почитува Законот за депортирање на млади мигранти.
– Ова на сите им покажува дека нашиот судски систем е скршен и не е фер. Спротивната страна во случаи како што се мигрантите секогаш оди пред Деветтиот апелациски суд и скоро секогаш добива поволна одлука, која потоа ќе биде поништена пред повисоките судови, напиша Трамп на неговиот Твитер профил.
Претходниот претседател Барак Обама издаде извршна наредба да се запре депортирањето на мигранти кои во САД дошле како малолетници. Трамп повеќе пати се обиде да ја укине оваа одредба, наречена ДАКА, исто така издавајќи извршна наредба, но одлуката ја попречува судот во Сан Франциско. Најголем дел од судиите во овој апелациски суд се именувани од демократски претседатели, како Обама, Бил Клинтон и Џими Картер, додека републиканците имаат мнозинство во Врховниот суд кој ја носи конечната одлука.
Се проценува дека 800.000 лица може да се соочат со депортирање доколку Трамп успее во тоа да ја укине наредбата на Обама. Во меѓувреме, републиканските и демократските политички лидери преговараат со претседателот Трамп околу прашањето на младите мигранти, при што Трамп се согласи да поддржи законско решение со кое тие би можеле да останат во САД, но истовремено бара Конгресот да одобри средства за изградба на ѕид на границата со Мексико и други мерки кои би го намалиле идниот прилив на илегални мигранти.




