Американскиот претседател Доналд Трамп го осуди наводниот хемиски напад во Сирија и наведе дека сирискиот претседател Башар ал Асад ќе плати „висока цена“ за тоа.
Трамп додаде дека „во безумниот хемиски напад“ има многу загинати, вклучувајќи жени и деца.
Тој на Твитер го обвини и рускиот претседател Владимир Путин, како и Иран поради поддршката за, како што наведе „животното Асад“.
Во исто време, руското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека наводите за хемискиот напад во Сирија се лажни и оти секоја воена акција која би била преземена врз основа на така „измислени и исфабрикувани изговори“ би можела да доведе до тешки последици.
– Ширењето лажни приказни за употреба на хлорин и други отровни материи од страна на сириските владини сили продолжува. Вчера се појави уште една таква исфабрикувана информација за наводен хемиски напад во Дума, наведе руското МНР во соопштение.




