Одлуката на американскиот пртетседател Доналд Трамп да го смени директорот на Федералното истражно биро (ФБИ) Џејмс Коми е шокантен потег кој повлекува споредба со скандалот „Вотергејт“ кој доведе до отповикување на тогашниот претседател Ричард Никсон, пишува агенцијата Франс прес.
Оваа изненадувачка одлука за смена на Коми, кој наводно лошо раководел со истрагата за спорните мејлови на Хилари Клинтон, практично е без преседан, бидејќи во историјата на ова Биро само еден директор е сменет досега.
Истакнатиот демократ во Сенатот чак Шумер оцени дека Трамп направил „голема грешка“.
-Ова не е случајност, вели Шумер.
На тоа веднаш преку Твитер му возврати Трамп: „Расплаканиот Чак Шумер неодамна рече: Немам веќе доверба во него (Коми), а потоа почна да се однесува огорчено“.
Сенаторот од редовите на републиканците Ричард Бар рече дека го загрижува „тајмингот и причините“ за смена на Коми, додека неговиот колега Џастин Амаш, одредени делови од писмото на Трамп до Коми ги нарече „бизарни“.
АФП смета дека смената на Коми фрла сенка на сомнеж врз истрагата на оваа агенција во врска со наводите за врските на Трамп со Русија.
ФБИ и три комитети на Конгресот водат истрага за вмешаноста на Русија во изборите во 2016 и евентуалните врски на Трамп. Како прв човек на ФБИ Коми водеше комплексна контраразузнавачка истрага од инаугурацијата на Трамп.
Белата куќа соопшти дека започнала потрагата по нов директор на ФБИ. Личноста која Трамп ќе ја именува најверојатно ќе има големо влијание на напредокот на истрагта и прашање е дали јавноста ќе го прифати исходот од неа.
Меѓутоа, имајќи ја предвид загриженоста на членовите на Конгресот од обете партии поради смената на Коми, малку е веројатно дека постојан директор на оваа агенција наскоро ќе биде именуван.
Новиот директор што Трамп би го именувал би можел да влијае и на тоа ФБИ целосно да се откаже од оваа истрага или да не ја води толку агресивно како Коми. Тој или таа би можеле да одлучат да не соработуваат во целост со истрагите на Конгресот кои се базираат на информации добиени од ФБИ.
Во писмото Трамп го известува Коми дека одлуката стапува на сила веднаш.
-Иако многу го ценам тоа што ме известивте во три одвоени прилики дека не сум под истрага сепак се согласувам со оценката на Министерството за правда дека Вие не сте во состојба ефикасно да го водите Бирото, се наведува во писмото на Трамп до Коми.
-Од суштинско значење е да најдеме ново раководство на ФБИ кое ќе ја врати довербата на јавноста во неговата мисија за примена и спроведување на законот, наведува Трамп.
Директорите на ФБИ се менуваат на мандат од 10 години, а 56-годипниот Коми на оваа функција е поставен пред 4 години.
Коми од телевизија дознал дека е сменет
Џејмс Коми дознал дека е сменет од функцијата додека се обраќал на група агенти на ФБИ во Лос Анџелес, а на телевизија се појавила ударна вест за неговата смена.
Оваа информација се појавила и во светските медиуми а за АП ја потврдил неименува висок полициски претствавник, кој присуствувал во Лос Анџелес.
Според него, кога на телевизија се појавила веста Коми прво се насмеал, продолжил да разговара со агентите, а потоа заминал во друга просторија. Потоа со авион веднаш се вратил во Вашингтон.
Њујорк Тајмс објавува дека Коми прво помислил дека се работи за шега, но потоа добил и официјално известување од претседателот за отказот.
Политико пренесува изјава на неименуван функционер од Белата куќа, според кого сите биле изненадени од смената на Коми.
Трамп повеќе од една недела размислувал за смената на шефот на ФБИ, а кога во вторник била донесена одлуката, не го повикал лично, туку испратил еден припадник на личното обезбедување да му го врачи отказот на Коми.
Влијанието на случајот „мејловите на Клинтон“
Претходно во вторникот, ФБИ го извести Конгресот дека Коми го преувеличил клучниот заклучок во истрагата за мејловите на демократката Хилари Клинтон, во своето сведочење пред Конгресот минатата недела, објави Гласот на Америка.
Бирото наведе дека Коми погрешил кога на конгресниот одбор му кажал дека соработничката на Клинтон, Хума Абедин испратила „стотици и илјадници“ мејлови од тогашната државна секретарка во периодот од 2009 до 2013 година, на својот сопруг од кога сега се разведува, конгресменот Ентони Винер.
Според официјални претстваници на ФБИ, вистинскиот број на мејлови бил многу помал.
Коми одигра и клучна улога во минатогодипните претседателски избори во САД на кои победи Трамп.
Во јули минатата година, тој оцени дека Клинтон била „исклучително невнимателна“ во ракувањето со мејловите во однос на националната безбедност додека била државна секретарка, но дека не е потребно да се поднесе кривично обвинение против неа.
Кон крајот на октомври, непосредно пред изборите, Коми рече дека повторно отвора истрага затоа што ФБИ открил мејлови од Клинтон во компјутерот на Винер.
Клинтон смета дека новата истрага на Коми отворена непосредно пред денот на изборите 8 ноември е една од причините зошто таа ги изгубила изборите.
Два дена пред изборите, директорот на ФБИ рече дека откако истражителите ги прегледале новите мејлови не откриле ништо ново и дека опстанува претходниот заклучок дека не треба да се покренува обвинение против Хилари Клинтон.






