Американскиот претседател Доналд Трамп го повлече својот главен стратег Стив Бенон од Советот за национална безбедност, откако било одлучено дека тој веќе не е потребен во ова тело клучно за надворешната политика, соопшти Белата куќа.
Се претпоставува дека отстранувањето на контроверзниот Бенон од ова тело во кое се наоѓаат високи претставници од тимот на Трамп за надворешна политика е поврзано со советникот за национална безбедност Х. Р. Мекмастер, за кого се вели дека има проблеми во соработката со Бенон.
Анонимни високи претставници на Белата куќа откриваат дека присуството на Бенон во Советот веќе не било потребно, по заминувањето на Мајкл Флн, првиот советник на Трамп за национална безбедност, кој беше присилен да поднесе оставка поради своите непријавени контакти со рускиот амбасадор во САД Сергеј Кисљак, пред Трамп да стапи на должност на 20 јануари годинава.
Според истиот извор, Бенон бил ставен во Советот за да го контролира Флин и дека присуствувал само на еден нивен регуларен состанок.




