Во САД за време на вториот супервторник, новиот круг на внатрепартиските избори за претседателските кандидати во шест сојузни држави, Доналд Трамп кај републиканците победи во три држави, а Хилари Клинтон во четири американски држави.
Трамп изгуби во Охајо, каде што победата ја однесе локалниот гувернер Џон Касич.
Марко Рубио од Флорида доживеа дебакл во својата држава, каде што Трамп ги освои сите 99 делегати, по што соопшти дека се повлекува од претседателската трка.
Асошиетед прес во анализата наведува дека Трамп и покрај тоа што досега успеал да собере најголем број делегати пред Конвенцијата на републиканците, која ќе се одржи во јули и на која ќе биде прогласен кандидатот на оваа партија на изборите за претседател на САД, Трамп освоил само 46 отсто од вкупниот број делегати што до сега беа во игра.
Ако продолжи така, можеби нема да успее да си ја обезбеди номинацијата, што значи дека ќе има противник на самата конвенција, па нејзиниот исход ќе биде неизвесен до крај, се наведува во анализата.
Демократската кандидатка Хилари Клинтон победи во Флорида, Северна Каролина Илиноис и Охајо, што се смета за тежок пораз врз нејзиниот противкандидат, сенаторото од Вермон Берни Сандерс.
– Уште еден супервторник за нашата кампања. Се приближуваме до тоа да ја добиеме номинацијата од Демократската партија и да победиме на изборите во ноември, изјави Клинтон пред приврзаниците по гласањето.
Освен во Флорида и Охајо, партиските гласачи го дадоа својот глас во Илиноис, Мисури, Северна Каролина и Северните Мариански острови, а одѕивот на гласачите бил висок во голем број области, особено во Мисури и Охајо.




