Според најновите анкети во САД, милијардерот Доналд Трамп и сенаторот од Тексас Тед Круз се речиси изедначени во сојузната држава Ајова, каде за неколку дена ќе биде спроведено првото гласање за номинација на републиканците за претседателските избори.
Трамп ја ужива поддршката на 31 процент од републиканските гласачи кои ќе учествуваат на партиското гласање во понеделник, додека Круз има 29 проценти, покажува анкетата на Универзитетот Квинипијак.
Сепак, анкетите на национално ниво покажуваат дека Трамп е во убедливо водство во однос на Круз и останатите 10 кандидати. Според најновата анкета на Си Ен Ен и ОРЦ Трамп има поддршка од 41 процент, или двојно повеќе од Круз кој има 19 проценти поддршка.
Претставникот на Универзитетот Квинипијак Питер Браун вели дека е тешко да се предвиди исходот од републиканската трка за претседателска номинација во Ајова и дека клучот лежи во одѕивот на гласачите, имајќи предвид дека меѓу 4 и 10 проценти од нив се уште се неопределени.




