Претседателот на САД Доналд Трамп го именуваше Ричард Гренел, актуелниот американски амбасадор во Германија, за специјален претседателски претставник за преговорите меѓу Белград и Приштина, соопшти Белата куќа.
Гренел за функцијата мора да го потврди Сенатот, јави Гласот на Америка. Според „Вашингтон тајмс“, Гренел би требало истовремено да ги извршува двете функции.
Ричард Гренел е амбасадор на САД во Германија од 8 мај 2018 година.
Дојче веле во денеска објавената анализа го опишува Гренел како „хушкач на Трамп“.
-Уште не беше ни вистински седнат на функцијата, Гренел даде интервју за деснопопулистичкиот портал Брајтбарт, каде отворено порача дека неговата цел е да ги зајакне „конзервативните сили во Европа“, притоа алудирајќи на политичари како Виктор Орбан во Унгарија и Матео Салвини во Италија, и неговиот „омилен“- австрискиот канцелар Себастијан Курц.
Но, тоа не беше и крајот на скандалите кои досега ги предизвика Гренел. Кусо откако ја презеде функцијата тој бараше од германските бизнисмени да не соработуваат со Иран. Потоа им се закануваше со санкции на германските фирми кои работат на гасоводот „Северен тек 2“, и бараше Германија да увезува американски гас. Заканите потоа продолжија и кон владата: доколку кинеската фирма Хуавеи добие тендер за изградба на 5Г мрежата во Германија, САД ќе ја ограничат соработката со германските тајни служби.
Пред неполни два месеци Стејт департментот го именуваше Метју Палмер за специјален пратеник на Балканот
Серијата контроверзи предизвикаа некои германски политичари, како пратеникот на Либералите Волфганг Кубики, да побараат Гренел да ја напушти Германија.
„Кога еден американски дипломат се однесува како да е висок комесар на окупаторска сила, мора да научи дека нашата толеранција познава и граници“, рече Кубики во март годинава.
Советник на Трамп
Гренел има долго искуство како политички советник и медиумски консултант на повеќе републикански политичари и кампањи, но зад себе остави и повеќе контроверзи откако, слично како и неговиот шеф Трамп, отворено на Твитер ги критикуваше медиумите чие известување не му се допаѓа.
Во изминативе недели неговото име се споменуваше и како можен кандидат за нов советник за национална безбедност на Трамп, откако беше отпуштен Џон Болтон.
За одбележување е и дека Гренел ѝ беше домаќин на косовската делегација, претседателот Хашим Тачи и премиерот Рамуш Харадинај, во Берлин пред мини-самитот со земјите од Западниот Балкан кој заеднички го организираа германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон на крајот на април годинава. Мини-самитот заврши без резултати поради неуспехот на Меркел и Макрон да најдат заеднички јазик со Приштина и Белград за продолжување на преговорите околу статусот на Косово.




