Руската адвокатка Наталија Веселницкаја која во јуни лани се сретна со синот на претседателот на САД Доналд Трамп изјави дека не му дала никаква компромитирачка информација за кандидатката на демократите Хилари Клинтон.
Тоа е во спротивност со мејлот на Доналд Трамп Јуниор во кој се потврдува дека му била понудена „чувствителна информација“ за Клинтон.
Весникот „Њујорк тајмс“ објави дека Трамп Јуниор пред да се состане со руската адвокатка бил информиран преку мејл дека ветениот материјал за Клинтон бил дел од напорите на руската влада да му помогне на неговиот татко во претседателската кампања.
И Доналд Трамп Јуниор во интервју за телевизиската мрежа „Фокс њуз“ изјави дека на неговата средба со руската адвокатка не му било понудено ништо корисно за претседателската кампања на неговиот татко и дека никогаш не му кажал за тоа.
Но Трамп Јуниор со сензационалистичката објава на електронската комуникација со Веселницкаја ги поби сите досегашни тврдења на Белата куќа. Документите потврдуваат дека Трамп Јуниор се согласил на средба со „рускиот владин адвокат“ минатото лето откако му биле понудени “чувствителни информации од највисоко ниво“ кои би можеле да ја „инкриминираат“ Клинтон.
Во имејлот од публицистот Роб Голдстоун на Трамп Јуниор му се нуди договор кој гарантира дека ќе му бидат предадени инфомации како „дел од поддршката на Русија и нејзината влада за г-динот Трамп“.




