Откако предизвика остри реакции со сугестијата дека треба да се казнат жените кои абортираат, републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп ја повлече изјавата и рече дека американските закони за абортусот треба да останат какви што се.
- Законите за абортусот се тука и такви треба да останат се додека не дојде до нивна промена, рече милијардерот на НБС телевизијата. Тој сепак додаде, подоцна во интервјуто, дека се согласува со тврдењето дека абортусот е убиство.
По првата изјава Трамп испрати соопштение во кое се вели дека «прашањето не е јасно» а потоа во второ соопштение додаде дека негова намера не е да ги казни жените туку лекарите ако нов закон биде донесен.
Портпаролката на неговата кампања демантираше дека Трамп ја повлекол изјавата:
- Г-дин Трамп даде прецизно објаснување за законот таков каков што е денес и јасно рече дека тој треба да остане таков – се додека тој не стане претседател, рече таа и додаде дека тој ќе го смени законот и ќе им дозволи на државите да ги штитат децата што треба да се родат.
Во средата Трамп рече дека треба да има «некаков вид казна» за жените кои абортираат.
Абортусот во САД е дозволен од 1973 година со историска одлука на Врховниот суд. Околу оваа тема постојано се води дебата помеѓу приврзаниците на законот и неговите противници. И овој пат изјавата на Трамп предизвика реакции кај приврзаниците на законот помеѓу кои и демократската кандидатка Хилари Клинтон.




