Двата дома на американскиот Конгрес, Сенатот и Претставничкиот дом, го усвоија компромисниот буџет за финансирање на федералните владини институции, со кој не се предвидуваат средства за изградба на ѕидоот на границата кон Мексико, на што инсистира претседателот Доналд Трамп.
Буџетот прво беше усвоен во Сенатот со 83 гласови „за“ и 16 „против“, а потоа и во Претставничкиот дом каде „за“ предлогот се изјаснија 300 конгресмени, а 128 беа „против“.
Со Буџетот се обезбедуваат средства за поставување ограда на американско-мексиканската граница, но не и за изградба на ѕид, што беше едно од главните ветувања на Трамп на изборите во 2016 година.
Пред да стапи во сила и со тоа да биде спречена нова блокада на федералната влада, Буџетот треба да го потпише претседателот Трамп.
Белата куќа најави дека Трамп ќе го потпише усвоениот буџет во текот на денов.
– Претседателот ќе го потпише буџетот за финасирање на Владата, но ќе преземе други извршни чекори, вклучувајќи и прогласување вонредна состојба во земјата за да се спречи хуманитарната криза на границата, соопшти портпаролот на Белата куќа, Сара Сандерс.
Во случај на вонредна состојба парите за ѕидот ќе се обезбедат од други извори во федералниот буџет.




