Американскиот претседател Доналд Трамп не планира да присуствува на погребот на републиканскиот сенатор Џон Меккејн, кој почина вчера, објави весникот „Њујорк тајмс”, повикувајќи се на информирани извори од Републиканската партија.

Поранешните претседатели Џорџ Буш помладиот и Барак Обама изразилe желба да присуствуваат на погребот на Меккејн.

Според прелиминарниот план, администрацијата на Трамп се очекува да биде претставена на погребната церемонија од страна на потпретседателот Мајк Пенс. 

„Њујорк тајмс” претходно соопшти дека Меккејн ќе биде погребан во градот Анаполис, Мериленд, но засега не е дефинитивно кога.

Ветеранот на американската политика ќе добие државни почести- ковчегот со неговото тело ќе биде поставен за поклонение во централната ротонда во Капитол, а меморијалната служба ќе се одржи во катедралата на Вашингтон. Потоа, до погребот ковчегот ќе биде поставен во зградата на законодавното собрание на Аризона – државата, кој Меккејн ја претставуваше во Конгресот 35 години.

Кој е Џон Меккејн

Веста за неговата смрт дојде откако се дозна дека Мекејн се откажал од понатамошно лечење кое започна лани во јули. Боледуваше од тумор на мозокот и поради болеста тој се повлече од политичкиот живот на Вашингтон каде со децении работеше како политичар, конгресмен и сенатор.

Џон Сидни Меккејн Трети  е роден на 29 август 1936 година на воената база Коко-Соло во американската зона на Панамскиот канал, во семејство на морски офицер кој за време на Виетнамската војна бил началник на Тихоокеанската команда.

Во 1967 година, после обуката и службата како пилот на носачите на авиони „Интерпид“ и „Ентерпрајз“ во Карипското и Средоземното Море, заминува во воената зона на Виетнам кога во октомври истата година е заробен, откако неговиот авион е урнат над Ханој. Во текот на пет и пол годишното заробеништво бил подложен на физичко насилство и измачување. Ослободен е во 1973 година со завршување на војната.

-Во текот на затворот ја засакав мојата земја. Ја сакав и претходно, но како и кај многумина млади оваа приврзаноста со поврзуваше со едноставно сознание за удопствата и привилегиите користени од мнозинството Американците и тоа се подразбираше само по себе. Само кога ги изгубив САД на некое време, разбрав колку всушност сум ги сакал, изјави Меккејн за годините поминати во заробеништво.

Кон крајот на 1974 година е примен во ескадрилата на воено-морската база „Сесил Филд“ во Флорида, каде подоцна станал нејзин командант. Во 1981 година заминува во оставка со чин капетан од прв ранг.

Од 1983 до 1987 година ја претставува сојузната држава Аризона во Претставничкиот дом на американскиот Конгрес. Во 1986 година бил избран во Сенатот на САД каде е реизбиран во 1992, 1998, 2004, 2010 и 2016 година.

Во 1965 година стапил во брак со моделот Керол Шеп. Со неа има ќерка и две посвоени деца. Во 1980 година се жени повторно и од овој брак има три деца, семејството посвоило и девојче од Бангладеш.

Во 2000 година Меккејн учествува во прајмериз на Републиканската партија кога губи номинација од Џорџ Буш помладиот.

-Моите принципи и мојот избор на гласање,  се многу јасни. Не само од 2000 година, но и во 1998, во 1992 и во 1986 година. Знаете, моите противници употребуваат некој вид на тактичка замка кога велат дека човекот се променил. Слушајте, не е променет ниту еден од моите принципи и вредности. Дали сум ја променил позицијата за некои конкретни прашања поради променети состојби? Се надевам да, изјави тој во една прилика.

За време на работата во Претставничкиот дом и Сенатот на САД бил член на комитетите за надворешни работи, минерални ресурси, на комитетите за вооружени сили, трговија и работи со Индијанците, потоа, бил член на специјален комитет за работи со воени затвореници и исчезнати во борба. Меккејн е еден од авторите на Законот за регулирање на коцкарници кај индијанските племиња, чија цел била економска поддршка за домородното население на САД.

Во 2008 година учествуваше во претседателските избори како кандидат на Републиканската партија, но изгуби од демократот Барак Обама.

-Јас не ја мразам Русија. Само посакувам таму да има исти таква слобода, независно судство и развој како во Америка. За воља на вистината, Путин го мразам.

Во врска со конфронтацијата со Русија која последните години зеде замав на нова Студена војна, Мекејн не штедеше зборови да ја спореди власта во оваа земја со терористите од „Исламската држава“.

-Сама по себе, таква терористичка група како ИД претстаува закана и ќе продолжи понатаму да извршува напади. Сепак, тие немаат воена моќ, технологија и стремеж да владеат со светот. А Русија тоа го има, вели тој.

За економските санкции против Москва воведени поради вмешаноста во конфликтот во Украина, тој е дециден дека се важен чекор на Запад во справување со клептократските политички системи.

-Зборувам за клептократите. Русија е бензинска станица која се преправа дека е држава. Тоа е клептократија и корупција. Тоа е земја чија економија всушност зависи само од нафтата и гасот. Затоа е важно да се воведат економски санкции и воено да се поддржи Украина.

Меккејн активно настапуваше да се нанесат воени удари на објекти на сириската армија и влада.

-Злосторствата против човештвото станаа визитна картичка на Асад. Неговата постојана воена кампања против народот на Сирија уби повеќе од половина милион луѓе, 11 милиони станаа бегалци.

Џон Меккејн е награден со повеќе воени медали како „Пурпурно срце“, има добиено Сребрена ѕвезда и орден „Легија на честа“, награден е со Крст на пилотски заслуги, Медал на воени затворенци, итн.

Меккејн беше жесток критичар на политиките на раскол на претседателот Доналд Трамп.

Поради обидите на претседателот да прошири заговор дека годините на заробеништво и измачување во Виетнам биле „преувеличени и измислици на Мекејн“, една од желбите на поранешниот сенатор е децидна – семејството да не го покани Трамп на погребот, на кој ќе дојдат да одржат говори во негова чест поранешните претседатели Џорџ Буш и Барак Обама, но и други видни политичар и општествени дејци на САД.