Поранешниот претседател на Уставниот Суд, Трендафил Ивановски во разговор за НоваТВ, актуелната ситуација по вербалната најава за оставка од премиерот во заминување Зоран Заев, ја оцени за избрзан чин, но дека е и доволно валиден за да се почне со процедурата за назначување на нов мандатар односно нова Влада, иако оставката, барем до моментов,не е во писмена форма.

– Јавно искажаната изјава дека поднесува оставка на функцијата претседател на Влада, е сосема доволна за да се почне со процедурата за избор на нова Влада, бидејќи со неговата оставка, повлекува оставка на целата Влада. Ова што сега во јавноста се разви дебата, од кога и како да почнат процедурите и дали треба да се чека одлуката олицетворена во писмена форма, е само барање влакно во јајцето“, изјави за НоваТВ, поранешниот уставен судија Ивановски.

Ивановски смета дека не треба да се остава вакуум со цел, процедурите за формирање нова Влада да почнат да се реализираат побрзо, трезвено без одолговлекување и сопки.

– По ваквата изјава на Заев, на потег е Собранието, чиј претседател, треба и формално да го провери актуелното мнозинство дали и натаму го има мнозинството за да предложи ново лице како мандатар за состав на нова Влада. Ако постојното мнозинство го има мнозинството во Парламентот,тогаш работата може многу брзо да се заврши. Но ако го немаат мнозинството, може актуелното малцинство да соопшти дека обезбедило мнозинство и да го извести претседателот дека обезбедило мнозинство кое би предложило личност кому шефот на државата потоа би му го дал мандатот,“ вели Ивановски.

Ивановски лично смета дека ако ова не успее можеби е подобро некоја техничка Влада во која може и не мора, ако не се договорат, да има претставници на опозицијата, и таа Влада  да ги врши функциите до терминот за редовните парламентарни избори за две –две и пол години. Се друго е вовед во предвремени парламентарни избори, цени Ивановски кои на земјата сега не и се потребно поради Ковид19, поради ЕУ перспективите, поради прашањето да се враќа Никола Груевски назад во државата или да не се враќа, поради енергетската криза…

Ивановски, водејќи се од сознанијата за ниско ниво на компромис на домашната политичка сцена, полага надеж во меѓународниот фактор да помогне да се надмине актуелната состојба. После „пијанката доаѓа отрезнување“, „ да не испадне со валканата вода и бебето да го фрлиме“  вели поранешниот претседател на Уставниот суд Трендафил Ивановски, за НоваТВ користејќи се со наравоученија од нашата богата ризница од минатото, привршувајќи го разговорот за НоваТВ.

(M.T)