Пишува Љубиша Арсиќ
Кога одредена власт сака да владее со судството, односно да има контрола врз предмети и судски процеси, по правило избира свои судии, обвинители и претседатели на судови или шефови на обвинителства. Преку нив ја контролира судската и обвинителската администрација, односно постојано индиректно може да има увид во некои предмети.
За владеењето на ВМРО ДПМНЕ беше карактеристично што постојано избираа нови судии и обвинители, а проверените правосудни кадри ги унапредуваа на повисоки позиции. Од денешна дистанца ако се погледне профилот на овој кадар, партијата на Никола Груевски во тоа време, точно знаела кого на која позиција избира, колку може да му верува и да им служи на партиските интереси, и како и во иднина, при евентуална смена на власта, тој поединец ќе биде на страната на ВМРО ДПМНЕ. Впрочем како што е денес во пракса.
Судиите успејаа во намерата сите ВМРО-вци да излезат од притвор
Изминува трета година од владеењето на СДСМ, а Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, двете, според теорија, независни тела кои избираат судии и обвинители, немаат избрано речиси ниту еден нов кадар во правосудниот систем, односно низ судовите и обвинителствата и понатаму доминира кадарот на ВМРО ДПМНЕ. Првите денови по промена на власта, сигурно многумина од судиите и обвинителите стравувале за својата иднина и позиција, особено ако се знае дека на почетокот на мандатот на СДСМ, но и во предизборието, се заговараше идејата да целосен реизбор на судии, но сега, по изминати три години истите тие исплашени кадри, најверојатно се осоколени затоа што ниту некој ги сменил или ги деградирал, ниту пак сега се под директен притисок на власта, како претходно, па можат поопуштено да спроведуваат политичка агенда, овој пат на опозицијата.
Главна преокупација на многумина судии, пред се избраните во време на ВМРО ДПМНЕ, особено на некои во Апелациониот суд, е како да се укинат притворите на обвинетите вмровски функционери и како да се заглават предметите на СЈО. Зошто на ВМРО ДПМНЕ и на нивите инсталации во судството им е значајно да нема мерка притвор врз никого? Прво, затоа што така е полесно да се организира бегство во крајна нужда, по примерот на Никола Груевски. Потоа, со непритворањето на функционерите и криминалните соработници на ВМРО ДПМНЕ се остава простор за одложувања на судскиот процес, а тоа неминовно води до умртвување на кривичните досиеја на СЈО. Голем број од овие дела не застаруваат, но за судиите и за партискиот врв на опозицијата е поважно пролонгирањето на судењата да може да се турка се до евентуална промена на власта, кога и многу лесно може да се очекува предметите на СЈО да бидат заборавени, па дури, и со некаков законски пропис, поништени.
Значи, вмровските релации со судиите успеале да ја остварат првата фаза од агендата- нема ниту еден во притвор за големите криминално- коруптивни скандали, ниту Сашо Мијалков, ниту Орце Камчев, ниту поранешни министри, пратеници, владини високи функционери… Судски извори пренесуваат дека уште во 2017-та пред промена на власта, голем број судии биле вклучени во мрежата на која главна задача, преку партиски директиви, им била како притворениците на ВМРО ДПМНЕ да излезат и да им се определат полесни мерки на претпазливост.
Сега, по успехот со притворот, на таа вмровско- судиска агенда главна точка е како да се одолговлекуваат предметите во недоглед, или барем до евентуална промена на власта, за да можат обвинетите вмровци потоа да се чувствуваат комотно во очекување на политичко решение за нивните предмети, кое никако нема да значи правна завршница на делата кои произлегуваат од прислушуваните материјали.
И оваа точка полека се реализира- голем број предмети или уште не се започнати со судење, а оние кои стратуваа наидуваат на потешкотии па цело време се одложуваат. Слободното толкување би било дека полека, но сигурно, вмровската агенда преку судиите се исполнува.
Сите судии и обвинители на ВМРО ДПМНЕ останаа на своите позиции
СДСМ декларативно не сака да има контрола врз правосудството, но така е и во пракса. Колку СДСМ останува подалеку од судовите и обвинителствата, толку им остава поголем простор на вмровските кадри да хараат и да ги контролираат процесите.
Директен пример е тоа со притворите во предметите на СЈО.
Далеку повеќе обвинети, за помали кривични дела, со месеци остануваат во притвор неможејќи да излезат со никаква гаранција, за разлика од обвинетите во предметите на СЈО кои сите на каков било начин се надвор.
Во последните три години Судскиот совет нема избрано нови судии, изборот е сведен на петмина судии низ повисоки судови, но нема нов кадар, а токму новиот кадар секогаш важи за партиски избран од владејачката коалиција. Истото се случува и со обвинителите- три години нема никаков избор.
Што значи тоа?
Дека последните години се празнат места во судовите и обвинителствата преку природна селекција (заминување во пензија), и кога на нивно место не се избираат нови, им се остава можност за доминација на кадрите кои се избрани пред пет до десет години, или кадар избран во време на Никола Груевски.
Токму тие управуваат со судовите и предметите. Ако се направи анализа на изборите на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители, тогаш се стигнува до огромна бројка на вработени во време на ВМРО ДПМНЕ – или околу 400 до 500 судии и околу 200 обвинители. Тоа е цел систем на свои луѓе преку кои сега, и од опозиција, партијата на Христијан Мицковски може да ги контролира. Оттаму, нема никакви промени во судскиот или обвинителскиот состав. И понатаму владејат истите имиња кои имаа главен збор и претходно, пред да дојде СДСМ на власт.
Да го земеме за пример Апелациониот суд во Скопје, кој има одлучувачка одлука во однос на изрекување или укинување на мерката притвор. Таму воопшто нема никаква персонална промена. Со кривичните совети управуваат истите судии, Јани Нича, Сафет Кадрии, Тања Дуковска… За претседателка на судот беше назначена Лидија Димчевска, но конците и понатаму ги влечат Лилјана Шопова и Љупка Арсениевска, и двете претходни претседателки во време на ВМРО ДПМНЕ.
Исто е и со граѓанските совети, ги раководат кадри кои важеа за блиски во релациите со ВМРО ДПМНЕ, а и членовите во советите се истите оние од времето на претходната власт. Како нивни блиски или судии од доверба се сметаат Елизабета Дуковска која раководи со стопанскиот совет, како и Розе Георгиевска и Розалинда Ристевска.
Дури поврзаноста на судиите со обвинетите во предметите на СЈО и нивните адвокати се потврдува дека тие заеднички одат на прослави, каков што бил еден пример со мекици за новороденче, забава на која заедно наздравувале и обвинети и адвокати и судии. Имале прилика, освен за приновата, да прослават и за укинатите притвори.
Но, не само на приватни забави, многумина од вработените во Апелација, но и во Основниот суд Скопје 1, тврдат дека адвокатите на обвинетите од СЈО постојано се во посета на судиите преку кои оди притисокот за предметите и притворите. Нивните кафиња се на очиглед на сите други вработени, но во ситуација во која СДСМ не сака да има индиректна контрола врз судството, тоа секако дека е можно.
Надлежните институции задолжени за избор на кадри во правосудството штуро одговараат на прашањата, во Судскиот совет наводно чекале нови генерации од Академијата за судии и јавни обвинители, додека со истото се соочува и Советот на обвинители, но дополнително таму немаат ниту пари за нови вработувања.
Во ситуација кога актуелната власт сака да создаде независно правосудство, а еден чекор кон тоа е и новиот Закон за Јавно обвинителство, кој стана пречка за договор помеѓу власта и опозицијата, ВМРО ДПМНЕ лесно си ги контролира стотиците судии и обвинители избрани во свое време. Во една ваква ситуација многу тешко ќе му биде на премиерот Зоран Заев да ги оствари целите за професионално и објективно судство.