Емил Павлов по четврти пат е дел од победнички подиум на Европско првенство во карате. Најдобриот спортист на Македонија за 2018 година понесе бронза од шпанска Гвадалахара во категоријата до 60 килограми по триумфот над Романецот Флорин Гоголоси со 3:2 во борбата за трето место.
Штипјанецот до малото финале забележа уште три победи – против Словакот Реде Адлер и против Србинот Марко Антиќ по 1:0 и против Црногорецот Ненад Дуловиќ со 4:2 по што загуби од Русинот Евгениј Плахутин со 0:2.
Павлов има одличје со ист сјај и од шампионатот во Монпелје во 2016 година и две злата од првенствата во Тампере во 2014 година и во Нови Сад во 2018 година. Сето тоа го прави да биде најголем македонски адут за медал и на летните олимписки игри во Токио во 2020 година.