Австриските власти со едно „трик“ прашање одлучуваат кој како бегалец може да влезе во земјата, тврди виенскиот дневен весник Профил.
На граничниот премин Шпилфелд, преку кој се одвива прифаќањето на бегалците кои доаѓаат од балканската рута мигрантите се соочуваат со прашање кое одлучува за нивната натамошна судбина: Што барате во Германија?
Според весникот ова навидум обично и едноставно прашање и е сигнал на полицијата да прави разлика меѓу бегалците и економнските мигранти.
– Доколку некој на ова прашање одговор дека сака подобар живот или наводно одредена работа, веднаш е вратен, вели волонтерка на границата.
Трик одговорот, пак, како што открива таа е да се каже: „Сакам во Германија за да побарам меѓународна заштита“.
Трик прашањето наиде на жестоки критики кај експертите. Адвокат од Грац вели дека прашањето е двосмислено, бидејќи ако некој каже дека сака да работи во Германија не значи и дека нема намера да побара азил.
Австрија од минаната недела воведе дневни квоти според кои прима најмногу по 80 барања за азил дневно и пропушта само 3.200 бегалци кои сакаат да го продолжат патувањето кон Германија или кон некоја друга западноевропска земја.




