Покрај економијата и новиот пакет реформи, на дневен ред на денешната седница на Грчката влада, се нашол и спорот со името, јавува МИА.

Спорот бил спомнат од грчкиот премиер Алексис Ципрас во неговото обраќање пред министрите.

Ципрас рекол дека постои прозорец за решение, доколку навистина има искрена намера од соседите и додал дека во следните денови ќе се покаже колку е изводливо да се направат суштински чекори во таа насока.

– Имаме прозорец за решение, доколку се покаже дека промената на ставот на нашите соседи е искрена. Решение, кое ако се постигне ќе биде во корист на мирот и соработката на Балканот, но и во корист на една нова динамика за нашата земја во поширокиот регион. Во следните денови ќе се покаже колку е изводливо да се направат суштински чекори во оваа насока, рекол Ципрас во обраќањето пред министрите од неговата Влада, пренесува МИА.

Грчкиот премиер во присуство на сите членови на неговиот кабинет, меѓу кои и Панос Каменос и Никос Коѕијас, сосема кусо се осврнал на спорот со името, а најголемиот дел од неговото 20-минутно обраќање било посветено на економијата.

Грчките медиуми, јавува дописникот на МИА од Атина, не ја исклучуваат можноста, за време на седницата на Владата, што продолжила зад затворени врати, шефот на грчката дипломатија да ги информирал премиерот и министрите за последните случувања во македонско – грчките односи.