Грчкиот премиер Алексис Ципрас денеска изјави дека предуслов за решавање на спорот за името меѓу Скопје и Атина е желбата на двете страни да најдат решение.
– Во текот на последните години покажавме трпение за кое вреди да се спомене и сакаме да го решиме проблемот, но тешко е да се дојде до решение ако некој инсистира на непријателски ставови и покажува националистичко тежиште кое не е во согласност со нашите ставови, изјави Ципрас во Белград каде е во посета на Србија.
На новинарско прашање, дали Србија може да помогне во решавање на овој спор, српскиот премиер Александар Вучиќ изјави дека Србија е мала земја за да решава светски прашања, но во случај да биде побарано тоа од неа, спремни се за учествуваат во тие разговори.
– Ние сме мала земја да преземаме на себа улога да решаваме големи прашања. Ако побараат да помогнеме, подготвени сме, но нема да се туркаме сами во тоа, изјави Вучиќ на прес конференцијата по средбата со Ципрас.