Црна Гора денеска го одбележува Денот на независноста, 16 години по напуштање на државната заедница со Србија.

Црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ по повод празникот изјави дека земјата денеска стои цврсто на европскиот пат и почитувана членка е на НАТО.

Во честитката, Ѓукановиќ додаде сè повеќе граѓани во Црна Гора ја гледаат важноста од победата на референдумот во 2006 година.

„Развојот на ситуацијата во Црна Гора, како и регионалниот и меѓународниот контекст, потврдуваат колку визионерска била одлуката за обнова на државата. И колку е важно, особено во вакви турбулентни времиња, да го имаме кормилото на управувањето со државата во наши раце“, истакна Ѓукановиќ.

Црногорскиот премиер, Дритан Абазовиќ, на приемот што го организираше по повод Денот на независноста, рече дека по 16 години треба да се запрашаат дали е направено доволно за да се зајакне Црна Гора и да биде прифатлива за сите.

„Нашата намера е овој ден да го слават сите граѓани на нашата држава, без разлика како гласале пред 16  години, како се изјаснуваат и кому му се молат“, истакна Абазовиќ.

Затоа, додаде црногорскиот премиер, не смееме да дозволиме непочитувањето на различните мислења да произведува поларизација во општеството, аверзија кон државата и нејзините симболи.

„Мораме да ставиме крај на ова, бидејќи нема поголем противник на просперитетот и богатството на Црна Гора од вештачките поделби на општества“, рече Абазовиќ.

Според официјалните резултати, на референдумот во 2006 година гласале 419.240 Црногорци или 86,5 отсто од вкупниот број избирачи. Независноста на државата ја поддржаа 230.661 или 55,5 отсто од граѓаните на Црна Гора, а 185.002 или 44,5 отсто гласале за останување во заедничката држава со Србија.