Рускиот вицепремиер Дмитриј Рогозин, генералниот секретар на Советот за безбедност на Русија и шеф на сите разузнавачки служби Николај Патрушев и претседателот на Чеченија Рамзан Кадиров се, меѓу другото, на листата на лица за забрана за влез во Црна Гора.
На листата се и сопственикот на телевизијата Цариград и тајкун Константин Малофејев и заменик-генералниот секретар на Обединета Русија Сергеј Железњак.
На листата на непожелни, формирана во согласност со одлуката на Европскиот совет, има вкупно 149 руски и украински државјани кои активно учествуваа или ја поддржаа агресијата врз Украина и насилната анексија на Крим.
Во одлуката на Владата, како што пренесува подгоричка Побједа, се наведува дека „се ограничува влез на територијата на Црна Гора, како и ограничување на располагање со средствата и ресурсите на лицата кои се одговорни за активната поддршка на политиките кои го поткопуваат територијалниот интегритет, суверенитет и независноста на Украина.”
Рогозин се вели дека е непожелен поради тоа што „активно повикувал на анексија на Крим”. Тој неодамна се вмешал и во внатрешните работи на Црна Гора и се закани дека „ќе зажалиме за членство во НАТО.”
Црногорската „црна листа“ е објавена откако Москва го стави целиот црногорски државен врв на листата на непожелни во Русија – бившиот премиер и актуелен лидер на владејачката ДПС Мило Ѓукановиќ, премиерот Душко Марковиќ и претседателот на Парламентот Иван Брајовиќ.
Руските власти соопштија дека оваа „црна листа“ е тајна, а црногорските медиуми објавија дека на неа се наоѓаат речиси сите министри и пратениците кои се залагале за прифаќање на протоколот за влез во НАТО, како и директори на големи фирми.




