Голем дел од хрватскиот дел на Јадранското Море утрово го зафати силно невреме со пороен дожд кое предизвика проблеми на брегот на Пула, Ровињ, Риека, Пореч и Црес. Поради тоа е прогласен црвен метеоаларм за повеќе региони од хрватското крајбрежје.

Глас Истре пишува дека на брегот на Пула плутаат автомобили, морето е на работ да се излее, а врз една сообраќајница паднало дрво. Сообраќајот се одвива доста отежнато, видливоста е намалена, па се препорачува максимална внимателност.

Високото морско ниво го поплави и центарот на Ровињ, а големи проблеми има и во Пореч. Локални жители соопштуваат дека во Ровињ морето го поплавило градскиот плоштад и брегот. Поради оваа причина, на сите возила им е забрането да возат по брегот на Ровињ.

Вода навлегла и во некои кафулиња и ресторани, но соодветните служби посочуваат дека досега не добиле повици за помош за евентуално испумпување. Во Ровињ е поплавен дел од главниот пат, како и улици во близина на локалниот пазар.

Како што пренесува хрватскиот портал Индекс, повикувајќи се на податоци од Крометео, поројните врнежи предизвикале големи проблеми и на островот Црес.

Извор: МИА