Откако министерството за надворешни работи на Турција објави дека на 29 јануари руски авион Су-34 повторно го нарушил воздушниот простор на земјата, Русите демантираат.
– Немало никакви нарушувања на воздушниот простор на Турција од авиони на руската авиогрупа во Сириската арапска република. Тврдењата на турската страна дека руски авион Су-34 го нарушил воздушниот простор се чиста пропаганда, изјави портпаролот на Министерството Игор Конашенков.
– Уверен сум дека турските експерти по противвоздушна одбрана знаат дека радиолокациските станици (радарите), кои вршат контрола на воздушниот простор, можат да ја фиксираат само височината, курсот и брзината на објектот во воздух. Ниту еден радар не е способен да го утврди типот и државната припадност на воздушниот објект, дали тој е на Русија или на коалицијата, предводена од САД, рече Конашенков.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг ја повика Русија да ги преземе сите потребни мерки за да не дојде до нови нарушувања на воздушниот простор на Алијансата.
Тој потврди дека руски воен авион го нарушил турскиот воздушен простор и покрај повеќекратните предупредувања од турските власти.
Тензиите мешу Анкара и Москва датираат од ноември минатата година кога Турција собори руски воен авион, за кој тврдеше дека го предупредувала неколку пати дека се наоѓа на турско небо.
Русија има големо присуство на авиони во Сирија, каде што бомбардира непријатели на нејзиниот сојузник, претседателот на Сирија, Башар ал-Асад.




