Претседателите на Соединетите држави и на Турција Барак Обама и Реџеп Таип Ердоган се согласиле американската војска да изведува воздушни напади врз позиции на милитантите на Исламската држава од базата на НАТО Инџирлик. Во меѓувреме турската војска почна да извршува напади врз милитантите во Сирија.
Според договорот, како што објави „Волстрит џурнал“ повикувајќи се на извори во Пентагон, американските сили ќе ја користат базата за полетување на авиони и беспилотни летала. Белата куќа одби да ги коментира ваквите наводи.
„Што се однесува посебно до Инџирлик немам некакви детали за тоа. Но, можам да ви потврдам дека двајцата лидери се согласија дека ќе ја продлабочат соработката против милитантите на Исламската држава“, изјави портпаролот на Белата куќа, Џош Ернст.
Турските медиуми јавуваат дека договорот за користење на базата Инџирлик бил постигнат во средата.
Турција која се соочува со директна закана од Исламската држава најужната граница со Сирија, досега одбиваше да влезе во меѓународната коалиција предводена од Соединетите држави.




