Турската полиција го уапсила и притворила главниот уредник на весникот на англиски јазик Today’s Zaman, Булент Кенес поради тоа што на социјалната мрежа Twitter поставил неколку твитови во кои го критикувал турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, пренесува АР, објави Макфакс
Полицајците го уапсиле Кенес во редакцијата во Истанбул, а додека го спроведувале надвор, новинарите и насобраните граѓани скандирале „слободните медиуми не смеат да се замолчуваат“. Апсењето било пренесувано и во живо на неколку телевизии, додава АР.
Налогот за апсење бил издаден од страна на надлежниот суд, кој оценил дека Кенес преку своите твитови го навредил турскиот претседател, а отежнувачка околност било тоа што на почетокот на годината турскиот новинар бил осуден на услова казна затвор, исто така поради навреда кон Ердоган.
Турското правосудство во последно време често го применува законот за навреда кон претседателот, кој не е нов закон, но претходно беше исклучително ретко применуван.




