Турските власти го забранија протестот на трансродните лица најавен за денеска во Истанбул, меѓутоа организаторите најавуваат дека тој сепак ќе се одржи.
Од канцеларијата на гувернерот на Истанбул соопштија дека протест не може да има бидејќи не е пријавен на соодветен начин.
-По извршената проценка одучено е да не се одобри одржување на овој настан, се вели во соопштението.
Градските власти исто така ги повикаа граѓаните да ги игнорираат повиците за учество во парадата и да се придржуваат до предупредувањата од безбедносните сили.
Меѓутоа организаторите на својата Фејсбук страница напишаа дека не препознаваат забрана и дека дека ќе бидат на плоштадот Таксим во недела за „Транс прајд“.
Доколку протестот се одржи, ова ќе биде осми ваков настан кој ги промовира правата на транс сексуалците во Турција.
Секоја година до 2015 во Истанбул се одржуваше и геј парада, а последниот пат полицајците ги нападнаа учесниците.
Пред седум дена полицијата употреби гумени куршуми против група од 40 активисти кои сакаа да одржат протест, а најмалку 4 лица се уапсени.
Критичарите го обвинија турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган дека спроведува исламизација откако е на власт, прво како премиер во 2003, а потоа и како претседател од 2014 година.




