Ништо не може да ја натера Турција да се откаже од воената операција во Сирија, па дури и воведените американски санкции, изјави претседателот на турскиот Парламент, Мустафа Шентоп, пренесува Тасс.
-Турција во никој случај нема да дозволи создавање коридор за терористичките групи директно на нејзината граница, изјави Шентоп одговарајќи на новинарско прашање.
Според него, американските санкции против Турција заради нејзината воена операција во Сирија не биле неочакувани за неговата земја.
-Во тоа нема ништо неочекувано, затоа што веќе беше разгледувано во САД. Тие си мислат дека можат да управуваат со меѓународната политика преку санкции, но не се во право. Санкциите не се патот за постигнување на резултати во меѓународната политика, зборувајќи според светските искуства, изјави уште претседателот на турскиот Парламент, додавајќи дека санкциите всушност ги засилуваат земјите врз кои се наметнати и „Турција нема да е исклучокот“.
Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша указ за воведување санкции против Турција во врска со нејзината воена операција во Сирија, соопшти Стејт Департментот.
-Претседателот Трамп го потпиша указот за да ја присили Турција да ја прекине својата воена офанзива во североисточна Сирија и да се согласи на примирије. Овој извршен указ на Министерството за финансии и на Стејт департментот им дава надлежности да ја разгледаат можноста за воведување санкции против физички лица, организации или лица поврзани со владата на Турција и учесници во активности кои создаваат опасност за граѓаните или водат до натамошно поткопување на мирот, безбедноста и стабилноста во североисточна Сирија“, се наведува во соопштението.
„Тројца претставници на турските власти од висок ранг од министерствата за енергетика и одбрана веднаш се ставени на списокот со санкции, во согласност со надлежностите што истовремено со потпишувањето на указот им беа дадени на министерствата“, се вели во документот.




