Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вчера ја одобри измената на Уставот со која си обезбеди поголеми овластувања. Референдумот по ова прашање најверојатно ќе се одржи според најавеното на 16 април, што денеска го потврди и тамошната изборна комисија.
Доколку бидат потврдени, тоа значи дека досегашниот парламентарен систем, ќе биде заменет со претседателски.
Опозицијата стравува дека оваа промена само ќе го зголеми авторитарното владеење на Ердоган.
Измените на турскиот Устав предвидуваат драстични промени.
Се укинува функцијата премиер, а се воведуваат две или три потпретседателски места.
Претседателот би управувал со владата, државата и ќе ги задржи врските со партијата. Ќе именува министри, ќе го подготвува буџетот и ќе ги бира поголемиот број судии.
Само тој ќе може да прогласи вонредна состојба во земјата и да го распушти парламентот, кој го губи правото да ја испитува работата на министрите или да предлага истраги.
Претседателските и парламентарните избори би се одржувале во ист ден на секои пет години, а претседателот би имал правo на два мандати.
Опозицијата смета дека промените се обид на Ердоган, претседателскиот систем што го воспостави тој од 2014 година, само да го зацврсти.




