Турската полицијата утрово изврши рација на повеќе од 100 локации во Истанбул во рамките на истрагата за минатомесечнито обид за воен пуч, при што неколку лица се уапсени, јави агенцијата Доган.
На мета на акцијата биле симпатизери на движењето на имамот Фетула Ѓулен, кој живее во егзил во САД, а турските власти го обвинуваат дека стои зад пучот.
Турскиот премиер Бинали Јилдирим синоќа објави дека досега во земјата се приведени 40.029 лица во рамките на истрагата, а околу половина од нив се формално уапсени.
Во говорот што во живо беше пренесуван на државната телевизија, Јилдирим исто така, кажа дека вкупно 79.900 лица се отстранети од јавните служби во рамки на чистките во редовите на војската, полицијата, судството и цивилните служби, како и дека се затворени повеќе од 4.260 компании и институции поврзани со Ѓулен.
Во неуспешниот преврат на 15 јули, загинаа 240 луѓе, главно цивили, а над 2.000 беа ранети. Ѓулен негира било каква поврзаност со настанот и притоа го осуди.




