Турција вчера се закани дека ќе го поништи договорот за реадмисија на бегалци и мигранти склучен со ЕУ доколку Атина не прифати да ги екстрадира турските офицери кои по пучот во Турција побараа азил во Грција.
“Ние имаме договор за реадмисија помеѓу Грција и нас и со ЕУ. Ние ќе ги преземеме сите мерки вклучително и поништување на овој договор”, изјави на турската ТВ министерот за надворешни работиа Мевлут Чавушоглу.
Анкара и Брисел потпишаа договор во март 2016 година според кој Турција се обрвзува да ги прими бегалците и да не ги пушта да одат кон ЕУ. Договорот и дозволува на Грција да го врати во Турција секој мигрант кој нелегално влегол во земјата. Помеѓу Анкара и Атина исто така има сличен билатерален договор.
Реакцијата на Чавушоглу доаѓа откако Грција ја одби екстрадицијата на офицерите. По неуспешниот пуч под 15 јули 2016 година во Турција, осуммина турски офицери истата вечер избегаа за Грција каде бараат азил. Турција ги обвинува за учество во пучот и сака да им суди.
Двајца од нив за АРД и „Шпигел“ тврдат дека немаат никаква врска со обидот за пуч, но без оглед на тоа во Турција им се заканува одење во затвор и можеби мачења.




