Турската полиција денеска употребила солзавец и водени топови за да ги растера стотината демонстранти кои се собраа на протест против планираните измени на Уставот со кои се предвидува проширување на извршната власт на претседателот Реџеп Таип Ердоган.
Протестите ги организираа главната Републиканска народна партија и неколку невладини организации и здруженија на адвокати.
Полицијата голем дел од демонстраните ги потиснала од приодот на зградата на Парламентот, пренесува Ројтерс, повикувајќи се на изјави на очевидци.
Пратениците во турскиот Парламент во текот на денот треба да ја започнат расправата за планираните уставни промени. Се очекува предложените амандамни да бидат усвоени, имајќи предвид дека мнозинството го има Партијата на правда и развој, кои на пролет ќе бидат ставени на референдум.
Според овие измени се отвора пат Ердоган да се кандидира уште два пати за претседател, јавува АП.
Инаку, се очекува расправата да трае околу две недели, а реформите мора да поминат два круга на гласање и да добијат поддршка од најмалку 330 од вкупно 550 пратеници.
Владејачката партија на Ердоган има 14 гласови помалку од неопходните 330, но обезбеди поддршка од националистичката партија.
Според уставните измени, се овозможува на претседателот да биде главен носител на извршната власт во земјата, да ја именува Владата, да го предлага буџетот и да прогласува вонредна состојба во државата.
Исто така се зголемува и бројот на пратениците од 550 на 600, се намалува минималната старосна граница на пратениците од 25 на 18 години и се уредува дека претседателските и парламентарните избори се одржуваат во ист ден.
Главните опозициски партии стравуваат дека доколку овие амандамни бидат усвоени, ќе се концентрира преголема моќ во рацете на Ердоган, и дека системот во земјата ќе стане диктаторски и ќе ја оддалечи Турција од демократија.
Од друга страна, Владата смета дека силен претседателски систем ќе ја намали нестабилноста во земјата, а премиерот Бинали Јилдирим изјави дека постои голема потреба за уставни реформи, најмногу поради тероризмот.







