Турската полиција уапси 235 припадници на прокурдската Демократска народна партија (ХДП) за поврзаност со милитантната курдска група Јастреби на слободата на Курдистан која ја презеде одговорноста за нападот во Истанбул во кој беа убиени 44 луѓе, објави денеска државната новинаска агенција Анадолија.
Уапсените се осомничени за поврзаност со оваа милитантна група која се отцепи од Работничката партија на Курдистан или за промоција на оваа група, наведува Анадолија.
Во притвор во Истанбул одведени се 20 припадници на ХДП, меѓу кои е и претседателот на одборот на оваа партија во Истанбул Ајсел Ѓузел додека уште 18 се уапсени во Анкара, меѓу кои и претседателот на одборот на ХДП Ибрахим Биниџи.
Во двете експлозии во Истанбул вчера загинаа 44 лица, од кои 36 беа полицајци, а 155 се повредени.




