Турските трупи и нивните сириски бунтовнички сојузници навлегоа во североисточна Сирија, соопшти турското Министерство за одбрана. Со тоа е покрената копнена офанзива против курдските борци на милицијата, откако вчера турските воени авиони и артилерија запошнаа воена интервенција врз позиции на курдските борци во северниот дел на Сирија, само неколку дена откако американските трупи се повлекоа од областа.

Во меѓувреме продолжуваат гранатирања на сириските гранични градови, при што Рас Елејн беше прва цел во вториот ден од конфликтот, јави денеска сириската државна телевизија.
Досега 15 цивили се убиени во нападите на турската армија и над 20 повредени.
Меѓународниот комитет за спас (ИРЦ) предупредува дека турската офанзива во североисточниот дел на Сирија може да предизвика раселување на 300.000 луѓе и да ги загрози активностите на хуманитарните организации.
– ИРЦ е длабоко загрижен поради влијанието на овие настани врз цивилите, вклучително и нашите членови и нивните семејства и дестабилизирачкиот ефект што ќе го има врз населението оптоварено со осумгодишниот судир во Сирија. Голем број од овие луѓе веќе повеќе пати биле раселени и страшно страдаа под бруталната власт на Исламска држава, само за да се соочат со уште една криза, изјави директорката на ИРЦ, Митси Басвел.
Се очекува населението да се упати кон Рака, град разорен во борбите против ИД.
ИРЦ упати апел до турската Влада да ги запре нападите и сите страни да го почитуваат меѓународното право за заштита на цивилите.
Советот за безбедност на ОН денеска ќе одржи седница зад затворени врати, на која ќе разговара за ситуацијата во Сирија, истакнаа неименувани дипломати. Расправа на 15-те земји членки на СБ на ОН за ситуацијата во Сирија побараа пет европски членки – Велика Британија, Франција, Германија, Белгија и Полска.
Арапската лига за в сабота закажа вонреден состанок на барање на Египет.
Египетското Министерство за надворешни работи вчера „остро ја осуди турската агресија против сириската територија“, истакнувајќи дека офанзивата „е флагрантен и неприфатлив напад врз суверенитетот на братска арапска земја“.
Египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси вчера во телефонски разговор разговараше за турската операција со неговиот ирачки колега Бархам Салих, изјави портпаролот на претседателот.
„Турската агресија е опасен развој што го загрозува меѓународниот мир и безбедност и ја влошува кризата во регионот“, рече портпаролот.
Арапската лига, во која членуваат 22 земји, вклучувајќи ги Египет, Ирак и Саудиска Арабија, соопшти синоќа дека средбата в сабота ќе биде на министерско ниво и ќе се разговара за „турската агресија“ врз сириска територија.

Американскиот државен секретар Мајк Помпео изјави дека САД не и дале „зелено светло“ на Турција за офанзивата во северна Сирија.
Тој наведе дека Турција е соочена со „терористичка закана во јужниот дел на земјата“, но дека се „лажни“ извештаите дека Анкара добила поддршка од САД за напад.
Остри реакции од светот
Турската офанзива не наиде на одобрување од меѓународната заедница. Вашингтон повеќепати ја предупредуваше Турција да не презема офанзива во североисточниот дел на Сирија.
Претседателот на САД, Доналд Трамп вчера соопшти дека САД не ја поддржуваат воената операција на Турција во Сирија, и оти нападот е лоша идеја.
– Турција, членка на НАТО, ја нападна Сирија. САД не го одобруваат овој напад и ѝ ставија на знаење на Турција дека оваа операција е лоша идеја. Нема американски војници во областа. Од првиот ден кога влегов во политичката арена, јасно ставив до знаење дека не сакам да се борам во оние бескрајни, бесмислени војни – особено оние од кои САД немаат корист, се посочува во пишаната изјавата на Трамп.
Тој додаде и дека „Турција се обврза да ги заштити цивилите, да ги заштити религиозните малцинства, вклучително и христијаните, и да се осигура дека нема да се случи хуманитарна криза – и ние ќе ги држиме за збор. Покрај тоа, Турција сега е одговорна да обезбеди сите борци на ИД кои се држат во заробеништво да останат во затвор и е одговорна ИД да не се реструктуира на кој било начин или форма.
– Очекуваме Турција да ги почитува сите свои обврски, а ние ќе продолжиме внимателно да ја следиме ситуацијата, посочи Трамп.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш синоќа изрази длабока загриженост околу ситуацијата во североисточниот дел на Сирија.
– Генералниот секретар на ОН е сериозно загрижен поради моменталните случувања во североисточниот дел на Сирија. Сите воени операции треба да се спроведуваат согласно уставот на ОН и нормите на меѓународното хуманитарно право и треба да се гарантира безбедноста на граѓаните и цивилната инфраструктура, истакна официјалниот претставник на генералниот секретар, Фархан Хак.
Според него, генералниот секретар Гутереш нагласил дека конфликтот во Сирија не треба да се решава со повеќе воени активности.
И шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини вчера ја повика денеска Турција да ја прекине едностраната воена акција во североисточниот дел на Сирија истакнувајќи дека тоа дополнително ќе ја поткопаат стабилноста на целиот регион, ќе го влошат страдањето на цивилите и ќе предизвикаат натамошни раселување.
– ЕУ го повторува својот став дека решението за сирискиот конфликт не може да се постигне по воен пат, истакна Могерини.
Таа оцени дека обновените оружени непријателства во североисточниот дел на Сирија дополнително ќе ја поткопаат стабилноста на целиот регион, ќе го влошат страдањето на цивилите и ќе предизвикаат натамошни раселување.
И Саудиска Арабија ја осуди турската офанзива во Сирија, оценувајќи ја како закана по регионалната безбедност и мир и побара да се гарантира безбедноста на сирискиот народ, како и сирискиот суверенитет и територијална целост.
На турската офанзива во североисточниот дел на Сирија реагираа и дел од европските држави.
Шефот на британската дипломатија Доминик Раб истакна дека „Лондон има сериозни резерви за турската офанзива“.
– Ова ризикува да го дестабилизира регионот, да ги влоши хуманитарните страдања и да го поткопа напредокот постигнат против ИД, кој треба да биде наш колективен фокус, се наведува во изјавата на британскиот министер за надворешни работи.
Додека францускиот министер за одбрана Флоренс Парли наведе дека турската офанзива во североисточна Сирија е опасна и мора да запре.
– Опасно е за безбедноста на Курдите. Тоа е опасно затоа што е од корист на ИД со која се бориме веќе пет години. Мора да престане, напиша Парли на Твитер.
Додека шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров вчера ги обвини САД дека играат „многу опасна игра“ со сириските Курди, чии борци беа главни американски сојузници во војната против Исламска држава во Сирија.
Лавров истакна дека САД првично поддржале „квази држава“ на сириските Курди во североисточниот дел на Сирија, а сега им ја откажуваат поддршката.
– Таква безобразна позиција за ова крајно чувствително прашање може да го запали целиот регион, а тоа мора да го избегнеме по секоја цена, посочи Лавров.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на Твитер изрази надеж дека турските власт ќе бидат „воздржани“ во воената операција во северниот дел на Сирија.
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган вчера објави дека турската војска почна операција „Извор на мирот“ против Курди и терористи на ИД во северна Сирија. Турското Министерство за одбрана соопшти дека армијата погодила вкупно 181 позиции на милитантите во воздушни и ракетни напади од почетокот на операциите во североисточна Сирија.
Ердоган ја брани интервенцијата
Ердоган смета дека Анкара има право да спроведе прекугранична операција во соседна Сирија, благодарение на договор потпишан меѓу двете држави во турскиот град Адана во 1998 година.
„Што се однесува до користењето на воздушниот простор над Сирија, тој не припаѓа на САД. Тоа е меѓународен простор, тоа е сириски воздушен простор и бидејќи не припаѓа на САД, за користењето на воздушниот простор решава режимот на сирискиот претседател Башар Асад“, изјави Ердоган во интервју за „Јени Шафак“.
Тој забележува дека САД не се наоѓаат во Сирија на покана на режимот, а Турција е таму според договорот потпишан меѓу Анкара и Дамаск во Адана.
„Согласно тој договор, ако режимот не преземе акција против Курдиската работничка партија, тогаш нашата војска има право да ги гони терористите (на сириска територија)“, додаде Ердоган.
Односите меѓу Турција и Сирија во осумдесеттите и 90-тите беа крајно тензични бидејќи Анкара го обвини Дамаск за поддршка на ПКК. Во октомври 1998 година, изби криза меѓу двете земји и Турција и даде на Сирија рок од 45 дена да се откаже целосно од поддршката за ПКК. Истата година сириските власти го протераа лидерот на ПКК Абдула Оџалан од земјата.
На 20 октомври преговорите меѓу претставници на министерствата за внатрешни работи и за надворешни работи завршија во Адана со потпишување заеднички протокол и договор за безбедносни прашања.







