Доколку Русија повторно ја нападне Украина, Соединетите Американски Држави ќе одговорат воено на агресорот, изјави полскиот премиер Доналд Туск по учеството на самитот во Берлин за мир во Украина, објави полскиот портал „Онет њуз“.
Туск пренесе директна порака од американските преговарачи, нагласувајќи ја цврстата позиција на САД.
Го слушнав тоа за прв пат од американски преговарачи, а Стив Виткоф беше недвосмислен: Америка ќе се вклучи во безбедносни гаранции за Украина на таков начин што Русите нема да имаат сомнеж дека во случај на прекршување на прекинот на огнот, американскиот одговор ќе биде воен. На некој начин, тоа е слично на Член 5 од НАТО, но нема да го наречеме член бидејќи тоа само би ги комплицирало понатамошните преговори. Сепак, изјавата што ја слушнавме денес навистина има далекусежни последици, рече Туск.
Туск оцени дека „можеби за прв пат е толку јасно видливо дека Американците, Европејците и Украина се на иста страна“.




