Најмалку десетина луѓе се приведени во регионот на Париз изминатата ноќ кои се поврзуваат со минатонеделните напади врз редакцијата на сатиричниот магазин „Шарли Ебдо“, соопшти канцеларијата на градското обвинителство.
Уапсените се сомничат за помагање и логистичка поддршка при планирањето на нападите.
Апсењата се одвивале во Грињи и Флори Мерож, а уапсените биле поврзани со Амеди Кулибали, кој два дена подоцна киднапираше и уби неколкумина во маркет, паралелно додека се водеше потрагата по браќата Куаши кои го изведоа масакрот врз „Шарли“.
Кулибали е одговорен и за смртта на младата полицајка во Монтруж еден ден по масакрот врз сатиричниот магазин.
Ден порано, браќата Саид и Шариф Куаши ги нападнаа канцелариите на сатиричниот магазин, каде што убија 12 луѓе од кои 10 новинари и двајца полицајци. Тие беа елиминирани истиот ден кога беше и Кулибали, во две паралелни полицски акции.




