Сопругата на Чеченец, кој е обвинет дека заговарал убиство на претседателот на Русија, Владимир Путин, е убиена, јавува Ројтерс.
Амина Окиева и нејзиниот сопруг Адам Осмајев биле во автомобил кога бил отворен оган кон нив близу Киев.
Според советникот на министерот за внатрешни работи на Украина, Антон Герашченко, Окиева починала веднаш откако била застрелана, додека нејзниот сопруг бил повреден но ќе преживеел.
Адам Осмајев во 2012 година беше уапсен и обвинет дека планира атентат врз Путин, но екстрадицијата во Русија беше стопирана од Европскиот суд за човекови права. Тој остана во затвор во Украина во времетраење од две години поради поседување експлозивни средства.
Осмајев и Окиева биле дел од доброволна единица која се борела против про-руските сепаратисти во Украина.
Во јуни тие преживеаја обид за нивна егзекуција. Лицето кое не успеа да ги убие тогаш, најпрво беѓе претставен како новинар, но подоцна се испостави дека е Чеченец роден во Русија.
Тој загина откако Осмајев и Окиева пукаа кон него.
Според Герашченко, убиството на Окиева вчера можно е да го извршил убиец испратен од руските тајни служби.