Следнава сторија за која пишува Вашингтон пост , може слободно да се смести во рубриката „Верувале или не“ или да послужи како уште една потврда на она што велиме „правдата  можеби е бавна но го стигнува секого“. Со најновата техника во форензиката „Генеалогија на гените“ која станала вообичаена техника во полициските  истраги, во САД е разрешен случај на  убиство извршено пред 46 години. 

Фрлена шолја за кафе на аеродромот во Филаделфија на почетокот  на годинава доведе до разрешување на случај за убиство стар 46 години. 68 – годишниот Дејвид Синополи беше уапсен во неделата наутро и е во затвор каде го чека судењето за убиството на тогаш 19 годишната Линда Сју Бихлер, објави полицијата на Пенсилванија.

Со помош на нова техника, експерти за ДНК од Вирџинија успеаја да го пронајдат Синополи како потенцијално осомничен во еден од најдолго неоткриените случаи на убиство, пишува Вашингтон пост.

Последниот обид за повторно отворање на истрагата доведе до сомневање за Синополи, но детективите немале доволно докази. Нова шанса детективите имале овој февруари на меѓународниот аеродром во Филаделфија, пишува весникот.

Од кантата за ѓубре е извадена шолја за кафе, а ДНК анализата утврди совпаѓање на отпечатоците на неа со отпечатоци пронајдени на долната облека на убиената девојка Линда Сју пред 46 години. Синополи веднаш беше уапсен во неделата и го чека судењето во затвор без можност  за  кауција.

Дополнителна потврда на доказите

Говорејќи еден ден по неговото апсење, окружниот обвинител на округот Ланкастер, Хедер Адамс, рече дека на шолјата се пронајдени траги од машка ДНК, и дека е испратена во Питсбург на дополнителна анализа која покажала дека ДНК трагите од долната облека на Бихлер и шолјата за кафе се совпаѓаат во статистичка веројатност од 10 трилиони, што значи дека веројатноста примероците да припаѓаат на различни луѓе е 1 на 10 трилиони.

Во мај, канцеларијата на окружниот обвинител го повика детективот Скот Илман, експерт за крвни злосторства, да спроведе истрага на фотографии од местото на злосторството за да утврди дали некои од  дамките крв на облеката на Бихлер би можеле да бидат од убиецот. Детективите долго време веруваа дека убиецот се пресекол за време на нападот.

Детективот Илман идентификувал две дамки крв што препорачал повторно да се тестираат.

Облеката била испратена на тестирање и на 16 јуни лабораториските тестови утврдиле дека ДНК се совпаѓа.

По анализата, деталниот и макотрпен преглед на архивите на весниците и историските податоци, Синополи бил идентификуван како личност од значење за случајот. Обвинителот Адамс открил дека било утврдено дека Синополи живеел во истиот станбен комплекс како Бихлер.

„Случајот беше решен благодарение на употребата на ДНК генеалогијата. Искрено, не знам дали ќе успеевме без тоа“, изјави Адамс.

46-годишна потрага

Колку макотрпна работа е вложена во разрешување на случајот најдобро говори податокот дека од убиството до апсењето биле испрашани над 300 лица.

Специјален истражен тим беше формиран од ФБИ во 2000 година и тимот не беше во можност да пронајде евентуален осомничен. Доказите за ДНК беа зачувани во националната база на податоци и ги чекаа идните откритија во случајот.

Генеалогијата на гените, техника која се користи за идентификување на Синополи, неодамна стана вообичаена техника во полициските истраги.

Техниката комбинира ДНК тестирање и синхроно совпаѓање со генеалошки и историски податоци за да се утврдат врските помеѓу поединците.

„Има многу малку луѓе во Ланкастер кои биле на одредена  возраст, пол и имале толку специфично семејно стебло. Апсењето на Дејвид Синополи го означува почетокот на правниот процес. Се надеваме дека ќе донесе барем малку олеснување за роднините на жртвата. Пријателите и целата заедница која живее 46 години без одговор за убиството“, истакна Адамс.